Дописници Одбележана 14-годишнината од загинувањето на полицаецот Цоки Стојановски

Одбележана 14-годишнината од загинувањето на полицаецот Цоки Стојановски

Помен-парастос за Цоки Стојановски, полицаецот што загина во конфликтот во 2001 година, денеска беше отслужен на градските гробишта во Тетово. Најблиските роднини и пријатели, неговите колеги од Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај, делегација составена од претставници на Секторот за внатрешни работи во Тетово, тетовскиот гарнизон при касарната „Кузман Јосифоски-Питу“ од Сојузот на воени инвалиди и делегација на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Тетово, положија букети свежо цвеќе во знак на почит и на сеќавање на полицаецот Стојановски.

Почит на полицаецот Стојановски му се оддаде и пред споменикот изграден во негова чест, во кругот на Сообраќајната полиција во Тетово, каде Цоки беше вработен.

Полицаецот Цоки Стојановски загина кобниот ден во 2001 година, како 28 -годишник, бранејќи го суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија. Ноќта на 1 август, одговори на својот последен предизвик, за одбраната на неговиот роден град Тетово. Истрел од куршум го усмрти Стојановски, кој на пунктот лоциран пред поранешните простории на Радио „Тетово“ беше на должност командир на реонот од наплатната рампа кон Гостивар до Станицата за безбедност на патниот сообраќај.

Во знак на сеќавање на полицаецот Цоки Стојаноски, во спортската сала во Брвеница беше одржан Четвртиот меморијален турнир во мал фудбал, во организација на Македонскиот полициски синдикат и на семејството.