Македонија Од денеска повторно е во функција жичницата до врвот на Водно

Од денеска повторно е во функција жичницата до врвот на Водно

Фото: Град Скопје

Жичницата на Водно, по речиси две години пауза, од денеска е повторно во функција. Исто така, повторно сообраќаат и автобусите на линиите 25, 25А и 25Б, соопшти Град Скопје.

„Во изминатиов период направен е редовен годишен преглед од овластена институција, мониторинг од Државен инспектор за жичници, како и редовен технички преглед. Жичницата е повторно функционална и скопјани можат да ја користат“, рече директорот на ЈСП Иван Илиевски на денешната проверка што ја изврши заедно со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.

Воедно во оптек се пуштени и трите автобуски линии до Средно Водно (25, 25А и 25Б).

Согласно со протоколот на Комисијата за заразни болести во кабина е дозволено да се превезуваат максимум 4 лица, односно искористеност на 50 отсто од вкупниот капацитет на кабината, а патниците треба да носат заштитна маска. Во текот на денот ќе се врши дезинфекција на внатрешноста на кабините.

Жичницата ќе работи секој ден, освен секој понеделник и последниот вторник во месецот.

Автобуските линии за време на викенд и за државни празници се бесплатни за сите категории патници.

Дозволен е превоз на домашно милениче куче со мал/среден раст и превоз на куче/придружник на лицата со хендикеп.