Македонија Обвинителството отворило предмет за објавените приватни разговори на членови на ДУИ

Обвинителството отворило предмет за објавените приватни разговори на членови на ДУИ

Основното јавно обвинителство Скопје отворило предмет за снимките од приватните разговори меѓу високи функционери на Демократската унија за интеграција, потврдиле за „Дневник“ од Обвинителството. Во објавените снимки има и разговори меѓу вицепремиерот Муса Џафери и пратеничката Ермира Мехмети.

Мехмети претходно изјави дека во врска со случајот дала исказ во скопското јавно обвинителствот, а го повика и Специјалното јавно обвинителство да поведе постапка за снимката, која беше објавена на видео-сервисот „Јутјуб“. Таа рече дека станува збор за монтирани снимки кои се користеле за политичка уцена уште од јануари годинава.

Истовремено од ДУИ изјавија дека ќе поднесат пријави до повеќе институции, поради нереагирање и непреземање на мерки за заштита на приватноста, како и кривични пријави против медиумите кои ги објавија разговорите.

Доцна синоќа ДУИ соопшти дека претседателството на партијата донело одлука за повлекување на своите министри од Владата, а една од шпекулациите околу мотивите за овој чекор е објавувањето на снимките во јавност.