Македонија Обвинителство: Војминовски беше во домашен притвор поради здравствени проблеми

Обвинителство: Војминовски беше во домашен притвор поради здравствени проблеми

Архивска фотографија | Мета.мк

Од Јавното обвинителство порачаа дека домашен притвор за сега избеганиот Никола Војминовски, кој беше осуден на 13 и пол години затвор за обид за убиство на Зијадин Села при насилствата во Собранието на 27 април 2017 година, бил побаран поради здравствената состојба на осудениот.

Војминовски во домашен притвор ја исчекуваше правосилноста на пресудата. По него е распишана потерница.

Од обвинителството потсетуваат дека за обидот на убиство се осудени на затвор сите седуммина обвинети.

„Во текот на кривичната постапка, присуството на сите обвинети лица од нивното лишување од слобода беше обезбедено со мерка притвор, меѓу кои и на обвинетото лице кое сега е во бегство. За ова лице, одбраната во текот на главната расправа поднесе предлог за укинување на мерката притвор и нејзина замена со мерка куќен притвор или мерки на претпазливост, а притоа како аргумент ја наведе влошената здравствена состојба предизвикана од кардиоваскуларни проблеми на обвинетиот. Кривичниот совет на Судот го прифати овој предлог и на лицето му определи мерка куќен притвор на почетокот на мај 2018 година. Судот ја прифати наведената причина од страна на одбраната во која и јавноста неспорно можеше да се увери кога на 18.04.2018 година обвинетиот колабираше на едно од рочиштата и интервенираше итната медицинска помош“, велат од Јавното обвинителство.

Во соопштението се вели дека по изрекувањето на пресудата надлежниот јавен обвинител побарал продолжување на домашниот притвор поради тоа што здравствената состојба на Војминовски и понатаму била лоша. Обвинителот во таа фаза, ниту пак претходно или потоа, немал никакви информации за „евентуално бегство“. Дополнително, за следење на мерките што се применуваат кон осудениот надлежен е судот, а не обвинителот, се правдаат од Обвинителство.