Македонија Обвинителство: Истрага за уште тројца за настаните во Диво Насеље

Обвинителство: Истрага за уште тројца за настаните во Диво Насеље

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција почнало истрага против уште три лица, македонски државјани, осомничени за поврзаност со криминално – терористичката група од Диво Насеље и настаните од 9 и 10 мај, оваа година, соопшти Jавното обвинителство.

„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, ја прошири истрагата за настаните во „Диво Насеље“. Врз основа на досегашните докази од истрагата во врска со кумановските настани од 9 и 10 мај годинава, надлежниот јавен обвинител издаде наредба за спроведување на истражна постапка за уште тројца македонски државјани, за кои постои сомнение за сторени кривични дела терористичка организација од член 394 – а и тероризам од член 394 – б од Кривичниот законик. Во исто време, за тројцата осомничени, обвинителот до Судијата на претходна постапка достави предлог за определување на мерка притвор“, стои во соопштението на Јавното обвинителство.

Оттаму додаваат дека осомничените „во моментов не се достапни на органите на прогонот“.

Инаку, од МВР, првично, информираа дека утрово била спроведена акција за пронаоѓање на лица, осомничени за поврзаност со кумановската група и биле извршени претреси на повеќе локации во скопскиот и кумановскиот регион.

Во акцијата, како што информираа од МВР, осомничените не се приведени и по нив се трага, а предметите кои се пронајдени при претресите ќе бидат предадени за анализа од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

На 15 октомври, во полициска акција беа уапсени седум лица, осомничени дека соработувале и и давале логистичка поддршка на кумановската група. Обвинителството против нив покрена истарага, а Судија на предходна постапка на петмина од уапсените им одреди притвор од 30 дена, а на двајца, мерка куќен притвор.