Македонија Обвинетиот за убиството на Ангел Петковски, осуден на условна казна за кражба...

Обвинетиот за убиството на Ангел Петковски, осуден на условна казна за кражба на велосипед

Насер Е., обвинет за убиството на матурантот Ангел Петковски, во мај минатата година, денеска за кражбата на велосипедот од дворот на куќата на Петковски, е осуден на условна казна од една година доколку во наредните три години не стори ново кривично дело, додека за кривичното дело убиство со умисла ќе му се суди во одвоен процес, пренесуваат медиумите.

Обвинетиот на денешното рочиште признал дека го украл велосипедот од дворот на семејството Петковски, по што судскиот совет на Основниот суд Скопје 1, ја донел пресудата.

Како што пишува „Фокус“, на денешното рочиште можел да се препознае дел од стратегијата на одбраната на обвинетиот за другото дело, убиство со умисла, која ќе се обиде да докаже дека Насер Е. убиството го извршил во нужна одбрана.

Адвокатот на обвинетиот побарал да му се изврши психијатриско вештачење, кое, според него, треба да покаже дали тој бил способен да изврши убиство.

Убиството на Ангел Петковски се случи на 19 мај минатата година, во населбата Ѓорче Петров.

Трагичниот настан предизвика безредија во населбата, за кои беа приведени неколку лица.