Македонија Обуки за медицинскиот персонал што работи на трансплантации

Обуки за медицинскиот персонал што работи на трансплантации

Органодарителството спасува животи и горд сум што свесноста и важноста сѐ повеќе се зголемува, рече министерот за здравство Илир Демири

Фото: Министерство за здравство

Во моментот, во тек е едукација и обука на здравствениот персонал вклучен во Програмата за трансплантација, како и активности за зголемување на јавната свест за донирање органи, изјави денеска министерот за здравство д-р Илир Демири.

Тој присуствуваше на стручен состанок посветен на подобрување на Националниот систем за трансплантација.

Во своето излагање, упати благодарност до сите експерти кои во континуитет даваат стручен придонес во овој процес, а посебно до тимот на проектот за подобрување на националниот систем за трансплантација во земјава.

„Трансплантациите во земјава се вршат во јавното здравство во универзитетските клиники. На Клиниката за урологија, во јануари, годинава ја одбележавме јубилејната 500-та трансплантација на бубрег во јавното здравство, а за првпат пред 4 години беше направена и трансплантација на срце“, рече тој.

Демири потсети дека органодарителството претставува едно од најголемите достигнувања во медицината.

„Органодарителството спасува животи и горд сум што свесноста и важноста сѐ повеќе се зголемува. Продолжуваме да водиме вистинска грижа за пациентите и за здравствените работници“, додаде тој.