Македонија Облачно и снежно време со температура до 3 степени

Облачно и снежно време со температура до 3 степени

Утрово градот Скопје и делови од земјава повторно се зафатени од обилни врнежи од снег. Најмногу снег наврнал во Лазарополе, каде снежната покривка е со висина од 66 сантиметри, потоа во Маврово – 54 сантиметри, Пожаране – 31, Ѓуриште – 22, Крушево, Берово и Дебар – 18, Тетово – 16, Крива Паланка и Струмица – 11, Битола и Тополчани – 9, Куманово – 7, Виница – 4, Скопје – 3 и во Претор, Демир Капија, Охрид и во Дојран, снежната покривка изнесува 1 сантиметар.

За денеска синоптичарите прогнозираат претежно облачно и студено со повремени врнежи од снег, особено во западните и во јужните делови. Ќе дува слаб, а во западните делови повремено умерен источен ветер.

Утринската температура се движи од минус 12 до нула Целзиусови степени, а дневната ќе достигне од минус 2 до 3 степени.

Во Скопје ќе преовладува слично време, претежно облачно и студено, со повремени врнежи од снег. Максималната дневна температура во главниот град ќе достигне до 1 Целзиусов степен.

Според Упрвата за хидрометеоролошки работи, од утрово подрачјето на Македонија ќе биде под влијание на влажна и постудена воздушна маса која во наредните денови ќе предизвика претежно облачно и постудено време со повремени врнежи од снег.

Врнежите ќе бидат со променлив интензитет, а повеќе ќе бидат застапени во западните и во јужните делови. Пообилни врнежи се очекуваат в среда кон крајот на денот и во текот на ноќта кон четврток, особено во јужните делови. Овие врнежи ќе предизвикаат зголемување на снежната покривка на повисоките места и на планините. Дневната температура ќе биде без поголеми промени и ќе се движи во интервал од минус 3 до 4 степени.