Култура Објавена „Статии и анализи за македонскиот јазик“ од Круме Кепески

Објавена „Статии и анализи за македонскиот јазик“ од Круме Кепески

Книгата содржи статии, говори, предавања и разработени јазични прашања

Книга со досега непубликувани трудови на авторот на првата граматика на македонскиот јазик, Круме Кепески, со наслов „Статии и анализи за македонскиот јазик“, неодамна објави Друштвoто за издавачка дејност „Македоника“.
Книгата содржи статии, говори, предавања и разработени јазични прашања, што се однесуваат на општите согледувања на развојот на македонскиот јазик и за одделни јазични прашања, на методиката на наставата за македонскиот јазик и на лексиката на македонскиот јазик.
„Круме Кепески е македонски лингвист кој филолошка и, во тој контекст, лингвистичка наобразба добил уште пред официјалната кодификација на македонскиот јазик, кога и ја почнал својата културна дејност во прилог на осмислување на македонистиката во рамките на славистиката, и активно продолжил да се занимава со неа во првите децении од стандардизацијата на македонскиот јазик, кога несебично се вклучил во практичната примена на литературно-јазичната норма на македонскиот јазик, т.е. на усовршување на нормата и на научна елаборација на македонскиот јазик“ пишува проф. д-р Димитар Пандев, во предговорот на книгата.