Економија Објавена листата на прехранбени производи кои поевтинуваат за 10 отсто

Објавена листата на прехранбени производи кои поевтинуваат за 10 отсто

Намалување на цените на овие 25 категории производи нема да има за постојните, туку за цените што ги имале на 1 август годинава. Тие цени од 1 август дополнително треба да бидат намалени за минимум 10 отсто, изјави министерот за економија Крешник Бектеши

Фото: Министерство за економија

На предлог на Министерството за економија, Владата на денешната седница ги определи највисоките цени за одделни производи во трговијата на мало, како и обврска на трговците да прибавуваат определени видови и количества на одделни стоки на потрошувачите според определен редослед.

Според министерот за економија Крешник Бектеши, листата на производи во наредниот период најверојатно ќе се проширува, а со моменталната листа, посочи тој, целокупната инфлација во делот на храната би паднала за 4 до 5 отсто.

„Намалување на цените на овие 25 категории производи нема да има за постојните, туку за цените што ги имале на 1 август годинава. Тие цени од 1 август дополнително треба да бидат намалени за минимум 10 отсто. Доколку од 1 август досега биле драстично зголемени цените за некој од овие производи тоа би можело да значи намалување на цената и за 30 до 40 отсто“, изјави Бектеши.

Трговците за вршење дејност производство и трговија на големо за овие производи треба да одобруваат рабат и други надоместоци кон трговците на мало во висина до 5 отсто и не повеќе. Трговците на мало, пак, за овие производи кога ќе бидат поставени на полиците, треба да ги обележат со натписот „гарантирана цена“ што е објавен на веб-страницата на Министерството за економија и споделен до сите синџири на супермаркети.

Според одлуката, трговците за вршење дејност производство и за вршење дејност трговија на големо имаат обврска производите/стоките кои се со намалена цена, да им ги продаваат месечно на трговците за вршење дејност трговија на мало, во количина од најмалку 70 отсто од количината продадена во месец август 2023 година.

Со Одлуката, им се забранува на трговците на мало да нудат акциска продажба (акција) и промотивна продажба (промоција) при ставањето во промет на земјоделски и прехранбени производи. Забраната ќе важи до 30 ноември 2023 година.

Во прилог производите за кои за 10 отсто се намалуваат цените коишто се применувале на 1 август 2023 година: