Економија Обид за кибер напад на банкарскиот сектор, веб-сајтовите останаа во функција

Обид за кибер напад на банкарскиот сектор, веб-сајтовите останаа во функција

Фото: Pete Linforth from Pixabay

Вчера на Твитер на профилот наречен „Моќна грчка армија“, зад кој нема никаква потврда дека стојат Грци, се појавија серија твитови со принскринови кои укажуваат на извршени DDoS напади на повеќе македонски банки. Вистинитоста на ваквите тврдења не може да се потврди, а дотолку повеќе, самите веб-страници на банките функционираа.

Како реакција утрово Народната Банка објави соопштение со кое ја уверува јавноста дека безбедноста на податоците не била под ризик.

„Вчеравечер, кус временски период беше отежнат или блокиран пристапот до веб-страниците на Народната банка и домашните банки, како резултат на DDoS напад. Ова беше надминато во најкус рок преку мерките кои беа преземени од страна на Народната банка, банките и веб-провајдерите. Безбедноста, односно доверливоста и интегритетот на податоците, во ниту еден момент не беше доведенa во прашање“, велат од Народната Банка.

Од таму објаснуваат и дека DDoS е напад на веб-страниците, во кој огромен број на фиктивни клиенти од различни локации се преправаат дека сакаат да добијат информации од страницата, поради што серверот се преоптоварува и му треба повеќе време за да одговори на барањата од реалните корисници.

„Но, во ваков случај ниту се исклучува сервисот, ниту пак се менува содржината на веб-страницата“, наведено е во соопштението на НБРСМ.

Инаку, наводните хакери се пофалија дека извршиле напади врз повеќе македонски банки меѓу кои и Комерцијална банка, ТТК Банка, Централна кооперативна банка, УНИ Банка, Прокредит банка, Стопанска банка АД Битола, Шпаркасе и други.