Свет Европа Обама со пофалба за Меркел и за договорот меѓу ЕУ и Турција

Обама со пофалба за Меркел и за договорот меѓу ЕУ и Турција

Претседателот на САД, Барак Обама, оцени дека договорот на Европската Унија и на Турција за решавање на проблемите на мигрантите претставува чекор напред кон правична поделба на одговорноста.

Во коментар за германскиот весник „Билд“, Обама се заложи за почитување на човековите права на бегалците за време на примената на договорот и при запирањето на миграцискиот бран.

Првиот човек на САД ја пофали и политиката на германската канцеларка Ангела Меркел во однос на мигрантите.

– Ангела Меркел покажа политичко и морално лидерство со одлуката да им помогне на луѓето кои бегаат од војна и од ужасни услови – рече Обама.

Договорот на ЕУ и на Турција, кој овозможува депортација од Грција во Турција на мигрантите кои не ги исполнуваат условите да добијат азил, беше мета на критичари и организации за заштита на човековите права.

Обама денеска ќе допатува во Германија, каде што ќе се сретне со Ангела Меркел и со други европски лидери.