Главна секција Нухиу: Што поскоро полицијата да се стави во служба на сите граѓани...

Нухиу: Што поскоро полицијата да се стави во служба на сите граѓани и на државата

Министерството за внатрешни работи денеска во кругот на објектот на МВР со пригодна свеченост го одбележа 7 Мај, Денот на македонската полиција.

На свеченоста присуствуваа министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, директорите на Бирото за јавна безбедност и на Управата за безбедност и контраразузнавање, Митко Чавков и Владмир Атанасовски, и други високи функционери на МВР, како и роднини на загинатите полицајци и бранители од 2001 година.

Говор на свеченоста одржа само министерот Нухиу, кој порача дека крупните реформи во полицијата мора да продолжат.

– Полицијата треба да гарантира безбедна средина за сите гараѓани. На Бирото за јавна безбедност (БЈБ) му е потребен професионализам, а сите ние заедно треба да се ангажираме за да поставиме една темелна транспарентност во односот на полицијата со граѓаните, заедниците и со пошироката јавност – рече Нухиу.

Тој истакна дека полицијата треба да биде доведена во параметрите поставени од меѓународните стандарди.

– Ќе се ангажираме што поскоро полицијата да се стави во служба на сите граѓани и на државата – рече Нухиу.

На говорот на Нухиу не му аплаудираше директорот на БЈБ, Митко Чавков. Нухиу положи венец цвеќе на споменикот на загинатите полицајци, а Чавков, заедно со директорот на УБК, Атанасовски, и со државниот секретар на МВР, Сања Димитриевска, положија цвеќе на споменикот на загинатите бранители од конфликтот во 2001 година.

Чавков и Атанасовски по положувањето на цвеќето не се вратија на продолжението на свеченоста.