Подглавна секција Новоизбраниот аргентински претседател Хавиер Милеи сака да ја затвори државната централната банка

Новоизбраниот аргентински претседател Хавиер Милеи сака да ја затвори државната централната банка

Дополнително, тој сака да го воведе американскиот долар како официјалната валута на Аргентина

Извор на фотографија: Di Embajada de Estados Unidos en Argentina - https://twitter.com/USAmbassadorARG/status/1706800650984558726, Pubblico dominio, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=138164302

Хавиер Милеи, кој победи на аргентинските претседателски избори на 19 ноември, вчера постираше на социјалната мрежа Х дека не поместува од неговото предизборно ветување да ја затвори централната банка на Аргентина, велејќи дека „нема простор за преговори“, известува Ројтерс.

Десничарот Милеи официјално ќе стапи на власт на 10 декември.

Тој исто така има ветено дека ќе ја „доларизира“ аргентинската економија, односно ќе го воведе американскиот долар како официјална валута на државата. Со ваквата одлука тој цели да ја отвори аргентинската економија. Досега, во латинска Америка, Ел Салвадор, Панама и Еквадор ја имаат доларизирано својата економија.

Но, според аргентинскиот економист Хуан Мануел Телекеа, доларизацијата на Аргентина би чинела најмалку 30 милијарди долари. Дополнително, Емилио Окампо, економистот кој бил подготвен да ја примена оваа политика во централната банка (истата која Милеи сака да ја затвори), во четвртокот најави дека сепак не би ја прифатил оваа улога. Останува нејасно дали воопшто би можело да се имплементира оваа политика без Окампо. Оттогаш, нема коментирано Милеи за истата политика.

Милеи исто така сака да ја приватизира главната аргентинска компанија за нафта, што исто не е јасно дали е воопшто возможно.

Ваквите радикални ставови на Милеи се совпаѓаат со неговата идеологија на „анархо-капитализам“. Тој дури често се облекува како суперхерој кој го измислил наречен „Капетан АнКап“.

Тие кои се поистоветуваат со анархо-капитализмот најчесто се против секакви регулации и се залагаат за многу мала улога на државата во политичкиот и економскиот живот на граѓаните, ослонувајќи му се речиси целосно на пазарот.

Согласно оваа идеологија, за време на предизборната кампања, Милеи често се појавуваше на своите јавни излагања со моторна пила, велејќи дека со неа ќе го скрати државниот буџет.

Сепак, партијата на Милеи има мало присуство во аргентинскиот парламент и веќе самиот Милеи покажува знаци дека е подготвен за компроси за одредени политики.