Македонија Новогодишното украсување во Скопје ќе го проверува Финансиската полиција

Новогодишното украсување во Скопје ќе го проверува Финансиската полиција

Во реакцијата на градоначалничката Арсовска на Фејсбук вчера беа објавени информации за склучени договори за новогодишно украсување на главниот град од претходните години со информации од Електронскиот систем за јавни набавки. Но, во исто време, Градот Скопје до денеска (22 декември), до пишувањето на овој текст го нема објавено склучениот договор за новогодишното украсување кое се реализираше годинава

Фото: Мета.мк

Управата на финансиската полиција од понеделник ќе го испитува новогодишното украсување спроведено од Град Скопје, за коешто деновиве имаше лавина реакции. Надлежните власти ќе ја проверат постапката за спроведување на набавката за новогодишното украсување во главниот град.

Скопската градоначалничка Данела Арсовска тврди дека украсувањето на скопскиот градски плоштад, главните сообраќајници и новогодишниот базар биле финансирани преку јавен повик, кој бил објавен согласно актите и прописите како и сите останати јавни повици.

„Ова неколкупати досега е кажано, образложено во детали и транспарентно презентирано на јавноста. Оттука, секоја друга останата „вест“ е обид за манипулација, сензационализам и шпекулации“, стоеше во последното соопштение кое Град Скопје го објави на оваа тема.

Градските власти тврдат дека има разлика помеѓу овогодишното организирање на украсувањето на градот и претходните години, посочувајќи дека сега имаме за 10 пати помали трошоци од она што било трошено изминатите две децении. Разликата била во тоа што оваа година парите за оваа намена не ги добила истата фирма која ги добивала досега.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска информираше дека украсувањето на главниот град ќе чини 30.000 евра, што било многу помалку во споредба со другите години.

Сепак, во реакцијата на градоначалничката Арсовска на Фејсбук вчера беа објавени информации за склучени договори за новогодишно украсување на главниот град од претходните години, со информации од Електронскиот систем за јавни набавки.

Но, во исто време, Градот Скопје до денеска (22 декември), до пишувањето на овој текст, го нема објавено склучениот договор за новогодишното украсување кое се реализираше годинава. На Електронскиот систем за јавни набавки не е објавен ваквиот договор ниту во делот на известувањата за склучен договор, ниту пак во известувањата за реализиран договор. Последниот објавен договор што е склучен од Град Скопје е за набавка на новогодишни пакетчиња, публикуван на 15 декември годинава.