Македонија Новите антикорупционери се запознаа со јавноста

Новите антикорупционери се запознаа со јавноста

Новиот претседател на Комисијата за спречување корупција, Горан Миленков, на правата средба со новинарите најави дека комисијата ќе работи транспарентно и дека редовно ќе ја известува јавноста за сите случувања и покренати постапки, но го игнорираше прашањето за тоа дали се сретнал со неговиот претходник и дали тој му кажал колку случаи му оставиле старите антикорупционери.

– На денешната конститутивна седница на Антикорупциската комисија, едногласно бев избран за претседател. Можам да ви кажам дека работата на овој состав ќе биде транспарентна, јавна, а новинарите ќе бидат известени за сите преземени дејства – рече Миленков.

Одговарајќи на новинарско прашање, новиот претседател на комисијата рече дека сè уште не разговарале за „бомбите“ што ги објавува опозицијата и не знае дали во разговорите има индиција за корупција.