Македонија Новинарските здруженија ги изнесоа барањата за итни медиумски реформи

Новинарските здруженија ги изнесоа барањата за итни медиумски реформи

Група новинарски и медиумски организации до Владата поднесоа барање за спроведување системски медиумски реформи, во кое се нагласени приоритетните законски измени и мерки што треба да се спроведат. Од Владата е побарано да почне инклузивен и транспарентен процес на јавна расправа, како за приоритетните така и за другите проблеми чие решавање може да доведе до подобрување на слободата на изразување и на состојбата во медиумскиот сектор.

Барањето на Здружение на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Совет за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Македонски институт за медиуми (МИМ) и на Институт за комуникациски студии (ИКС), содржи неколку приоритети.

Се бара зголемување на безбедноста и на сигурноста на новинарите и искоренување на практиката на неказнивост на нападите врз новинари, почитување на работните и професионалните права на новинарите и на другите медиумски работници, како и транспарентност на јавните институции и подобрување на условите за истражувачко новинарство. Во барањата се наведуваат независност на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и институционална автономија и уредувачка независност на МРТ.

Во приоритетите се наведени и спречување говор на омраза и поттикнување насилство во аудиовизуелните содржини, како и раскинување на клиентелистичките врски меѓу медиумските сопственици и власта и подобрување на условите за работа на приватните медиуми.