Македонија „Новинарски пленум“ ќе дебатира за состојбата и за обврските на МРТВ

„Новинарски пленум“ ќе дебатира за состојбата и за обврските на МРТВ

„Новинарски пленум“ в понеделник, во 18 часот, во Клубот на новинари, ќе организира дискусија за состојбата, професионалниот интегритет и за обврските на МРТВ како јавен сервис. Од пленумот на дискусијата го покануваат и уредничкиот тим на Македонската радио-телевизија, на чии претставници и преку СМС-пораки им испратиле покани пред една седмица. Од „Новинарски пленум“ информираат дека досега не добиле одговор на нивните директни покани до главниот уредник Горан Петревски и до неговите заменици Билјана Василева-Трендафилова и Стојан Трпчевски, на кои им биле испратени пораки. Единствено од новинарот Душко Арсовски добиле инфромација дека веќе два месеца не е дел од уредувачкиот тим.

„Потсетуваме дека МРТВ, како радиодифузен сервис, според законот е обврзан да биде независен од кој било државен орган или политичка партија и треба уредувачката политика да биде непристрасна кон нив. Законот за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги ги дефинира обврските на МРТ, според кои, таа е должна да обезбеди постојано, целосно, непристрасно, праведно и навремено информирање во согласност професионалните стандарди и Етичкиот кодекс на новинарите, да не застапува и да не заштитува ставови или интереси на одредена политичка партија и програмите што ги создава и ги емитува да бидат заштитени од влијание на власта, политички организации или други центри на економска и на политичка моќ“, велат од „Новинарски пленум“.