Македонија Новинарот Кежаровски бара да докаже дека е невин, а не да биде...

Новинарот Кежаровски бара да докаже дека е невин, а не да биде ослободен со застарување на случајот

Поради застарување на кривичното дело за откривање на идентитет на заштитен сведок, на новинарот Томислав Кежаровски нема да му се суди за случајот „Ликвидација“. Обвинителката Марија Ѓорѓева соопшти дека поголемиот дел од кривичната дела за кои се гонеа обвинетите се застарени.

Кежаровски е револтиран и смета дека на овој начин е осуден на „доживотен затвор“ и бара шанса да ја докаже вистината.

„Сакам шанса да докажам дека сум невин и судот да ме ослободи, односно да добијам ослободителна пресуда, а не поради застарување или примена на поблага законска одредба, судењето тука да запре. Го замолувам судот, да ги погледне доказите и да види дека никогаш не го открив идентитетот на заштитениот сведок и не го открив неговиот телефонски број. Барам шанса да ја докажам вистината“, рече Кежаровски во судница.

Кежаровски во 2013 година беше осуден за откривање на идентитетот на заштитениот сведок во случајот „Ореше“ со што, како што пресуди судот, му го загрозил животот.

Тој доби првостепена пресуда од четири и пол години затвор, која потоа Апелацискиот суд ја намали на две години.

Кежаровски помина пет месеци во притвор, во истражниот затвор „Скопје“, а беше и во домашен притвор.