Македонија Нов рекорд во производство на пченка во североисточниот регион

Нов рекорд во производство на пченка во североисточниот регион

САД го поддржува економскиот раст во Македонија повеќе од 20 години

Денеска проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси и Центарот за развој на североисточниот плански регион ги забележаа рекордните приноси на производителите на пченка од североисточниот регион за време на жетвата на пченка. Петнаесет производители на пченка од регионот кој годинава првпат наводнуваа со системи „капка по капка“ донирани од УСАИД, успеаја да ги зголемат нивните приноси за 60 проценти (од 10 тони/хектар на 16 тони/хектар), додека земјоделецот Зоран Димитријевиќ очекува рекорден принос од 19 тони/хектар – меѓу највисоките во Македонија.

– САД го поддржуваат економскиот пораст во Македонија повеќе од 20 години со програми кои ја подобруваат конкурентноста на земјоделските бизниси во Македонија. Овие земјоделци покажаа дека иновациите имаат моќ да ги трансформираат малите фарми во профитабилни бизниси – изјави Пол Волерс, амбасадорот на САД во Македонија.

– Оваа година првпат користев систем „капка по капка“ на еден хектар со пченка и сум презадоволен. Наредната година планирам да аплицирам во програмата 50-50 за да поставам систем „капка по капка“ на уште 20 хектари со пченка – изјави Зоран Димитријевиќ, новиот рекордер во производство на пченка во североисточниот регион.