Македонија НМХТ: Тенденциозните напади не се нарушување на јавниот ред и мир

НМХТ: Тенденциозните напади не се нарушување на јавниот ред и мир

Делата од омраза не можат да бидат само нарушување на јавен ред и мир, стои во реакцијата на Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија, издадена по полициската одлука нападот на активистот за правата на маргинализираните заедници и граѓански активист, Славчо Димитров да се води како нарушување на јавен ред и мир со физички напад.

„Наместо овој тенденциозен, застрашувачки и загрозувачки чин да се води како кривично дело и брзо да се реагира, полицијата сметаше дека дело од омраза може да помине и како нарушување на јавен ред и мир, еквивалентно на пиење алкохол или фрлање ѓубре. Полицијата не ги зема предвид претходно дадените информации дека се работи за истакнат активист за човекови права, особено за правата на ЛГБТИ-луѓето, кој и претходно бил напаѓан и вербално и физички, особено за време на нападите врз ЛГБТИ-центарот“, стои во реакцијата.

ОД НМХТ потсетуваат дека активистите за ЛГБТИ-правата, настаните организирани од ЛГБТИ-организациите, ЛГБТИ-центарот за поддршка се често мета на физички напади и насилство и оти „речиси никогаш полицијата не ги наоѓа сторителите“.

„Ја повикуваме полицијата и Основното јавно обвинителство да ја променат својата практика и овојпат итно да го најдат сторителот и истиот да го гонат во согласност со Кривичниот закон. Овој настан не може да се гледа изолирано, надвор од скорешните напади на граѓански активисти и постојаните хомофобични и трансфобични напади. Ова не е само еден случаен напад, ова е напад кон сите тие што имаат храброст да зборуваат и да дејствуваат против насилничките и репресивни политики и напад против оние кои се осмелиле да бидат гласот на најтивките. Овој напад е обид за заплашување и за замолкнување!“, стои во реакцијата.