Македонија Николовски: Неспроведувањето надзор на безбедноста на храната мора да се расчисти

Николовски: Неспроведувањето надзор на безбедноста на храната мора да се расчисти

Случајот со неспроведувањето надзор врз безбедноста на храната од мај до септември мора да се расчисти, изјави дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

Тој наведе дека ова вчера го потврдиле заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Ванчо Костадиновски, и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Поповски, а надлежните треба да понесат одговорност.

– Скандалот е уште поголем зашто половина година се криел од јавноста. Притоа, никој не бил поштеден. Не се испитувала ниту храната за доенчиња, храната за медицински цели, како и лесно расипливите продукти бидејќи токму надзорните програми предвидуваат испитувања на овие производи во летните месеци – рече Николовски.

Според него, без земање примероци и без вршење анализи, не може да се знае состојбата со безбедноста на храната.

– За да може сточарот да знае дали има бруцелоза во стадото, мора да се земе крв од добитокот и да се даде на анализа во лабораториите. Не постои друг начин на контрола – рече Николовски.