Економија Николовски: Јавно обвинителство потврди дека има судир на интереси во случајот со...

Николовски: Јавно обвинителство потврди дека има судир на интереси во случајот со Илија Србиновски

Случајот со раководителот на подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Битола, Илија Србиновски, кому поднесовме кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластување, почнува да се разрешува, информираше заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

Според Николовски, во известувањето што го добиле од Јавното обвинителство, се потврдува дека има судир на интереси.

– Бидејќи во кривичната пријава што ја имате поднесено до ова обвинителство произлегува дека кај пријавениот има судир на инетерс, а воедно дека намерно предизвикал штета на земјиштето што било доделено на неговата сопруга, кривичната пријава заедно со сите прилози е доставена на понатамошно надлежно постапување на Основно јавно обвителство Битола – информира Николовски за известувањето од јавното обвинителство.

Според него, министерот Михаил Цветков најмалку што можел е да го разреши Илија Србиновски и да си поднесе оставка.

– Вакво нешто е недозволиво да се толерира во иституција на владата. Илија Србиновски има кривична пријава за договор со кој е прекршен Законот за земјоделско земјиште во 2010 година, а цели пет години контролата во министерството не функционирала, односно повисоките органи со години штителе незаконско работење и злоупотреби во самото министерство – вели тој.