Македонија Невладините бараат итно донесување на Законот за антидискриминација

Невладините бараат итно донесување на Законот за антидискриминација

Стотина здруженија, граѓански организации, фондации и мрежи од државата бараат Собранието итно да донесе Закон за спречување и заштита од дискриминација. Тие денес ги потсетија Парламентот и јавноста дека Предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација веќе 8 месеци е заглавен во Собранието, дека неговото донесување свесно се одолговлекува и со тоа на граѓаните им се ускратени ефикасни механизми за заштита од дискриминацијата со која секојдневно се соочуваат.

„Донесувањето на законот е неопходно за градење на еднакво и инклузивно општество во кое нема да се премолчува пред дискриминацијата кон кој било граѓанин и граѓанка“, стои во соопштението кое го објавија организаторите на протестот, Мрежа за заштита од дискриминација Национална мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата Платформа за родова еднаквост Мрежа 23 Мрежа за застапување на правата на Ромите, Македонска платформа против сиромаштија, Платформа за одржливост на програмите за превенција, грижа и поддршка за ХИВ.

Ромите, жените, луѓето со попреченост, ЛГБТИ лицата, сиромашните и социјално исклучените граѓани, различните етнички заедници, сексуални работници, луѓето што живеат со ХИВ, луѓето што употребуваат дроги и останатите различни групи на пациенти, се вели натаму во соопштението, се соочуваат со маргинализација како последица од дискриминаторските практики на институциите и предрасудите од страна на околината со што им го оневозможува учеството во општеството под еднакви услови и генерира сиромаштија, ранливост на насилство и исклучување од сите општествени сфери.

– Со одолговлекување и блокирање на донесувањето на овој Закон, Собранието го загрозува и процесот на европските интеграции. Европската Комисија бара промена на законот согласно стандардите на европското право уште од 2011 година – велат невладините.

Тие сметаат дека сегашното законско решение не придонесло кон ефикасна и ефективна заштита од дискриминација и дека предложениот закон, со кој, меѓу другото се предвидува професионализација на Комисијата за заштита од дискриминација и негова независност, покуси рокови на постапката за заштита од дискриминација и други новини.

– Со законот се предвидува и ослободување од плаќање на трошоци за судски такси за граѓаните коишто ќе поведат постапка за дискриминација и се овозможува тужба за заштита од јавен интерес (actio popularis). Во предлог-законот конечно се додадоа сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за дискриминација и експлицитно се препозна сегрегацијата како облик на дискриминација, што е од исклучително значење на Ромите и луѓето со попреченост – се додава во соопштението.