Подглавна секција Нетанјаху: Војната против Хамас ќе продолжи уште многу месеци

Нетанјаху: Војната против Хамас ќе продолжи уште многу месеци

Израел тврди дека завршувањето на војната сега би значело победа за Хамас, став што го дели и администрацијата на Бајден, која во исто време го повика Израел да ги вложи сите напори за да се избегне штета по палестинските цивили

Бенјамин Нетанјаху | Фото: Kremlin.ru, CC BY 4.0 , via Wikimedia Commons

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вели дека израелската војна против Хамас во Газа ќе продолжи „уште многу месеци“, одбивајќи ги постојаните меѓународни повици за прекин на огнот по зголемените цивилни смртни случаи, гладта и масовното раселување во опколената енклава, пренесува Асошиејтед Прес.

Нетанјаху се заблагодари на администрацијата на Бајден за нејзината континуирана поддршка, вклучително и за одобрувањето нова, итна продажба на оружје, втора овој месец, и за спречувањето да се донесе резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се бара итен прекин на огнот.

Израел тврди дека завршувањето на војната сега би значело победа за Хамас, став што го дели и администрацијата на Бајден, која во исто време го повика Израел да ги вложи сите напори за да се избегне штета по палестинските цивили.

Во новите борби, вчера израелски воени авиони ги нападнаа урбаните бегалски кампови Нусејрат и Буреиј во центарот на територијата, додека копнените сили навлегоа подлабоко во јужниот град Кан Јунис.

Министерството за здравство во Газа соопшти дека повеќе од 21.600 Палестинци се убиени во невидената воздушна и копнена офанзива на Израел од смртоносниот напад на Хамас на 7 октомври. Според министерството, во изминатите 24 часа биле убиени 165 Палестинци. Се тврди дека околу 70 отсто од убиените биле жени и деца.