Македонија Нема да дозволиме Македонија да стане експеримент на поединци, порача Груевски

Нема да дозволиме Македонија да стане експеримент на поединци, порача Груевски

Лидерот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, вечерва на митинзите на Коалицијата за подобра Македонија во Валандово и во Гевгелија порача дека претстојните избори се трет референдум во Македонија.

Во својот говор, Груевски, кој е носител на листата во четвртата изборна единица, рече дека од граѓаните зависи во каква Македонија сакаат да живеат.

– Изборот е многу јасен и многу очигледен – една опција која креира кризи, друга која работи, помага, се грижи и создава, една опција која сее омраза и поделеност, друга која е посветена на конкретни работи, проекти да го подобри вашиот живот, една опција која се занимава со деструкција и конфликтност, друга која ги решава секојдневните проблеми на граѓаните и се грижи за нивните интереси – рече лидерот на владејачката партија.

Груевски рече дека за време на мандатот на ВМРО-ДПМНЕ, ја направиле Македонија држава со најниски даноци и оти планираат нови намалувања на даноците, нови намалувања на ДДВ и на царините. Тој се осврна на владините политики за субвенционирање на земјоделството и мерките за рурален развој, на легализирањето на дивоградбите и дворните места, како и на царините за увоз на евтини автомобили.

Покрај посетувањето на спроведените политики, тој најави и нови инвестиции, како и изградба на нови автопати, градинки, спортски сали, гасификација, како и отворање на нови работни места.

Дел од говорот, Груевски посвети и на својот политички опонент, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кого го обвини дека сака да направи рекомпонирање и кантонизација на Македонија и да воведе двојазичност.

– Она што Заев не го пресметал е дека тука постои народ кој е доволно мудар за да препознае едно вакво сценарио и одговорот на сето ова ќе следува на 11 декември, еден историски громогласен одговор. Одговорот ќе биде силен и јасен, затоа што за државата се работи – рече Груевски.

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи Македонија да стане експеримент на поединци и оти овие избори се и шанса да заврши и политичката криза и Македонија да оди напред, но за тоа е потребно коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ да добие 63 пратеници.