Македонија Неизвесно е дали од крајот на месецов ќе се помести часовникот според...

Неизвесно е дали од крајот на месецов ќе се помести часовникот според зимското сметање на времето

Image by Jacob Lange from Pixabay

Владата на вчерашната 88-ма седница го задолжи Министерството за економија да ги разгледа можностите околу евентуално продолжување на примената на летното сметање на времето, со цел да се остварат дополнителни заштеди во општата потрошувачка на електрична енергија.

Расправата за укинување на зимското и летното сметање на времето, која до сега нема финален резултат во земјава, уште пред четири години ја започна Европската комисија. Тогаш мнозинството, односно 83 отсто од жителите на Европската унија, се изјаснија дека го поддржуваат укинувањето на досегашниот начин на сметање.

На владината седница вчера беа предложени и низа мерки за поддршка на граѓаните и компаниите, во време на економско-енергетска криза, меѓу кои и субвенционирање на цената на електрична и топлинска енергија за домаќинства и мали потрошувачи.

Во пакетот мерки за поддршка на јавни, образовни и здравствени установи беше предложено вклучување на основните и средните училишта на регулиран пазар за снабдување со електрична енергија; снабдување на јавните здравствени установи со електрична енергија, преку продажба од ЕСМ по поволна цена од пазарната цена и снабдување со електрична енергија на мерни станици за водни пумпи, преку продажба од ЕСМ по поповолна цена од берзанската цена, односно субвенционирање на разлика во цена на електрична енергија.

Како што соопшти владината служба за информирање, по усвојувањето на овие мерки, ќе се пристапи кон соодветни законски измени, за што на владината седница, беше изразено очекување дека ќе бидат поддржани во парламентот, за да може во најбрзо време да бидат достапни за корисниците.