Економија Недостиг од квалификувани работници за текстилните компании

Недостиг од квалификувани работници за текстилните компании

Состојбата во текстилната индустрија станува алармантна поради недостигот од квалификувана работна сила. Итно се неопходни ефективни мерки за да се надмине овој проблем, кој прераснува во реална закана за опстанокот на многу домашни компании од овој сектор.

Ова го констатирале учесниците на најновиот состанок од серијата консултации со претставници на бизнисот, коишто во рамки на проектот „Деловен појадок“ ги организира Организацијата на работодавци на Македонија (ОРМ).

На состанокот на кој присуствувале и претставници на Трговско-текстилниот кластер биле детектирани главните причини за дефицитот на работна сила во оваа индустриска гранка, како и можните начини за тој да се надмине.

– Државните субвенции во вид на ослободување од данок и од придонеси што ги добиваат странските фабрики во технолошко-индустриските развојни зони им овозможуваат да исплаќаат малку повисоки плати и на тој начин да ги привлечат квалификуваните работници од домашните фабрики, кои не можат да користат вакви субвенции од државата со кои би се намалиле нивните трошоци. На ваков начин, домашните индустриски капацитети „преку ноќ“ се празнат од висококвалификуван кадар, во чие создавање со години било вложувано – вели претседателот на ОРМ, Ангел Димитров.

Според Димитров, ваквата нееднаква положба меѓу домашните и странските компании во земјава создава нелојална конкуренција на пазарот на труд и воедно им прави штета и на фондовите за пензиско, инвалидско и за здравствено осигурување кои губат осигуреници кои плаќаат придонеси, а добиваат осигуреници за кои никој не плаќа придонеси.

Втората причина за алармантниот недостиг од квалификувана работа сила, особено во текстилната индустрија, е слабиот интерес кај младите да работат во оваа гранка.

Текстилната индустрија има големо значење за домашната економија, учествува со 11 проценти во вкупниот извоз на Македонија и вработува околу 37.000 работници, што претставува повеќе од 35 проценти од вработените во целокупната преработувачка индустрија.