Главна секција Неделковски за бугарска ТВ: Бугарите се како кучиња, сакаат да обележуваат територии

Неделковски за бугарска ТВ: Бугарите се како кучиња, сакаат да обележуваат територии

„Мојата цел беше да се ослободиме од нешто што е незаконско и криминално. Јас не направив ништо нелегално. Спомен-плочата нема право да биде таму“, вели Миленко Неделковски во интервју за бугарската „Нова ТВ“, по повод кршењето на обележјето на бугарските војници на Кајмакчалан.

– Вандализам е да се оди на туѓа територија. Бугари илегално влегле на наша територија – рече Неделковски.

Според него, поставувањето на плочата на Кајмакчалан е провокација за да се нарушат односите меѓу двете земји и да се направи конфликт.

– Мојата цел е одбрана на територијата на Македонија. Прво, плочата може да се стави во Грција, а не на нашите простори, и второ, за тоа треба да се побара дозвола. Бугарите се како кучиња кои сакаат да одбележат територија – рече Неделковски.

Тој вели дека никој не ја оспорува идејата и желбата на Бугарите да го одбележат настанот, ама, сепак, тие имаат своја територија.

Неделковски тврди дека Македонија не треба да стане членка на ЕУ, но треба да има добри односи со соседите.

– Тоа што го направив е за да се почитува поредокот и не смее да влијае на нашите односи. Тоа беше моја работа и работа на секој Македонец – вели тој во врска со изјавата на премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, кој случајот на Кајмакчалан го нарече вандализам.

Во интервјуто, Неделковски додава и дека единствено неговиот тим, односно четворица луѓе знаеле што ќе направи тој, негирајќи дека имал поддршка од владата за да ја искрши плочата.

Тој за телевизијата призна дека бил осуден, но не поради фалсификување американски визи.

– Американски адвокат ме тужеше. Лежев во притвор седум месеци и бев условно казнет на три години. Сакам да ми се извини Бугарија. Јас не направив ништо погрешно. Ако повторно постават обележје на истото место, пак ќе го искршам – вели Миленко за бугарската телевизија.