Економија Не е проблем што се зголемува долгот, важно е како се трошат...

Не е проблем што се зголемува долгот, важно е како се трошат парите, велат експертите

Транспарентност на власта, отчетност, подобрување на домашниот бруто-производ и подобра инфраструктура, побараа бизнисмените на денешната конференција „Што научивме од македонската економија, како понатаму“, организирана од магазинот „Економија и бизнис“, која се одржа во хотелот „Холидеј ин“.

Професорот Зоран Јовановски истакна дека целта на оваа конференција е да се постават црвени линии во однос на важните економски прашања, односно да се постигне консензус, без разлика на тоа која политичка партија е на власт.

– Мора да ги дефинираме црвените економски линии за кои ќе постои консензус на долг рок. Треба да знаеме какво општество сакаме и да ги дефинираме основните постулати во градење на економските политики – истакна Јовановски.

Професорката од „Американ колеџ“, Никица Мојсовска-Блажевски, истакна дека се потребни реформи во образованието кои ќе одговараат на технолошката револуција што се случува во модерните општества, за да се создаваат иновативни сектори.

– Шеесет и пет проценти од децата кои се запишуваат во основно училиште во иднина ќе работат на работни места кои во овој момент не постојат – изјави Мојосовска-Блажевски.

Маријан Петрески, професор, смета дека иднината на македонската економија е во поврзување на странските и на домашните компании. Според него, странските компании имаат висококвалитетен производствен процес, кадар од кој нашите компании можат да научат.

– Доколку нашите компании ги подобрат производствените капацитети и можат да одговорат на барањата на странските компании, тогаш во иднина тие би биле генератори на економскиот пораст наместо странските компании. Нема ништо лошо во нивното субвенционирање и привлекување, но сето тоа треба да биде транспарентно – изјави Петрески.

Во однос на задолжувањето, истакна дека нема ништо лошо во зголемувањето на долгот на државата, но важно е како тие пари се трошат. Според Петрески, потребен е консензус во однос на трошењето на тие пари, кои најмалку треба да бидат потрошени за непродуктивни работи.

На денешната конференција на која се направи пресек на македонската економија во изминатите 25 години и од која треба да произлезат насоките во кои таа ќе се развива, учествуваат и гуверенерот на Народна банка, Димитар Богов, шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава, Самуел Жбогар, претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, како и професори и експерти.