Македонија НДМ: Груевски и Заев да се вразумат и да се обединат за...

НДМ: Груевски и Заев да се вразумат и да се обединат за виталните национални интереси

Народно движење за Македонија денеска изрази загриженост поради неодамнешната прес-конференција на владејачката ДУИ на која, како што соопштија, владејачката партија од албанскиот блок се закани со јазичната федерализација. Според НДМ, тоа е преодна форма на територијалната федерализација, што е неприфатлово.

– Народно движење за Македонија и народот се силно вознемирени од длабокото неединство на Никола Груевски и на Зоран Заев за виталните национални интереси, во услови кога колегите од партиите на македонските Албанци најавуваат промена на Уставот и редефинирање на политичкиот систем. За НДМ нема дилема. Повеќе немаме простор за отстапки по изборите, оти партиите на Албанците најавија уривање на унитарна Македонија – изјави денеска Ѓорги Тодоров, член на извршниот комитет на НДМ.

НДМ апелира до Груевски и до Заев да го преиспитат своето досегашно однесување заради доброто на државата и народот, а кое се сведува на меѓусебно обвинување токму за виталните национални интереси на Македонија.

– НДМ бара од Груевски и од Заев да се вразумат и веднаш да седнат и да ги договорат основните национални интереси како услов без кој Македонија не може понатаму. Ја користиме можноста да ги прашаме Груевски и Заев, зарем не им е доволно поучен примерот со нивните претходиници Љубчо Георгиевски и Бранко Црвенковски кои во „татковинската војна“ во 2001 година одеа кај олеснувачите Пердју и Леотар и само се кодошеа еден со друг, заради што, по воената 2001 година Македонија излезе поразена, понижена и посрамемна со немерливи последици до денешно време – рече Тодоров.

Од НДМ најавија дека ќе достават до Груевски и до Заев меморандум за Македонија со пет точки во кои никој нема да чепка без оглед која партија победува на избори, со кои се обезбедува опстанокот и просперитетот на државата.

– Значи, без оглед на нашите политички нетрпеливости, една единствена мисла треба да биде заедничка за сите нас – љубовта кон Македонија. Кога тоа ќе го разбереме, ги отвораме вратите за решавање на сите сегашни проблеми и отвораме простор за иднината на нашата единствена татковина Македонија – рече Тодоров.