Дописници Настапот на Лугански – чест и привилегија за фестивалот и за публиката

Настапот на Лугански – чест и привилегија за фестивалот и за публиката

Покрај спектакуларното отворање на 12 јули, печат на досегашната музичка програма, од јубилејниот 55. Меѓународен музичко-сценски фестивал „Охридско лето“, му дадоа тројца извонредни руски исполнители. По впечатливите настапи на Андреј Коробејников и на Александар Кнажев, кои поставија нови стандарди и репери на фестивалските сцени во Македонија и пошироко, вечерва публиката ја очекува целовечерниот рецитал на рускиот пијанист Николај Лугански.

Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот, а на програмата се композиции од Шуберт – Втората, Голема соната, односно Чајковски – Големата соната, редок пример на светлите, оптимистички тонови на неговото творештво.

– Како организатори и домаќини, горди сме што го имаме легендарниот Николај Лугански на ова јубилејно 55. издание на фестивалот. Уметник кој критичарите го опишуваат како пијанист со исклучителна префинетост и со чувствителност, со „кристална убавина“ во свирењето слична на онаа што ја имале големите Моцарт и Шопен, како и виртуозност која потсетува на Рахмањинов и на Прокофјев. Ова ќе биде огромна чест и привилегија за сите посетители што ќе бидат дел од овој долгоочекуван настан – рече селекторот на музичката програма, Гордана Јосифова-Неделковска.

Рускиот пијанист и великан на уметноста, еден од најголемите пијанисти на денешницата, Лугански, привлече огромно внимание. Влезниците се распродадени, за него специјално допатуваа пијанисти и познавачи на музиката од земјата и од соседството. Ова му е четври настап во Охрид, а во 1997 година, неговиот рецитал беше прогласен за концерт на годината.

– Вечерва ќе свирам композиции од Шуберт и од Чајковски. Шуберт-соната, тоа е една од трите последни сонати кои се напишани во последниот период од неговиот живот и тоа, најверојатно, е едно од најтрагичните дела на Шуберт. Во вториот дел ќе ја отсвирам Големата соната на Чајковски. Речиси сите дела на Чајковски се доста трагични, но еве, оваа соната е еден пример дека има и светли моменти во неговото творештво. Доста е светла и сончева и ја покажува позитивната страна на неговото творештво – изјави Лугански на денешната прес-конференција во „Охридско лето“.

Лугански е воодушевен од градот и од Охридското Езеро, но и од фестивалот „Охридско лето“ за кој, како што рече, одржува има високо уменичко ниво.

– Секогаш се чудам на колку високо ниво е фестивалот „Охридско лето“. Веќе настапи мојот многу добар пријател Александар Кнажев, заедно со Андреј Коробејников, а се очекува настап и на Максим Венгеров, Иво Погорелиќ и на други великани на музиката. Фестивалот има навистина високо уметничко ниво – апострофираше Лугански, на денешната прес-конференција во дирекцијата на фестивалот.