Економија Наскоро јавен оглас за доделување земјоделско земјиште на сточари

Наскоро јавен оглас за доделување земјоделско земјиште на сточари

Заинтересираните сточари наскоро ќе може да аплицираат за државно земјоделско земјиште за производство на сточна храна, кое ќе се доделува под закуп на 15 години. Одлуката да се распише огласот ја донела Владата на вчерашната седница.

Според планот, вкупната површина што ќе се понуди е 517 хектари, кои се распоредени во регионите на Берово, Велес, Гостивар, Дебар, Куманово, Кавадарци, Неготино, Свети Николе, Струмица, Штип и Крива Паланка. На секој закупец ќе му се доделува земјиште со површина над три хектари.

Оваа недела се очекува јавниот оглас да биде објавен во Службен весник и во три дневни весници, по што сите заинтересирани ќе можат да конкурираат.

Право на учество на јавниот оглас имаат домашни физички и правни лица и странски правни лица. Физичките лица, треба да се регистрирани вршители на земјоделска дејност, а странските правни лица, имаат право да учествуваат на јавниот оглас доколку имаат регистрирано подружници во Македонија.