Македонија Напредок во преговорите меѓу Грција и кредиторите

Напредок во преговорите меѓу Грција и кредиторите

Министрите за финансии на еврозоната денеска попладне завршија со заседавањето за новите предлог-реформи за Грција, кои би требало да ѝ овозможат финансиска помош. За нерешените прашања вечерва ќе продолжат да разговараат лидерите на 19 земји од еврозоната.

Шефот на еврогрупата, која во изминатите два дена заседаваше речиси 15 часа, Јерун Дајселблум, за новинарите изјави дека министрите за финансии минале долг пат, решиле многу проблеми, но некои крупни проблеми и понатаму остануваат.
– Ќе ги известам лидерите на еврозоната и тие можат да одлучат за овие прашања – рече Дајселблум.

Финскиот министер за финансии, Александер Штуб, на својот твитер-профил објави дека министрите за финансии на еврозоната го завршиле својот состанок и ја предале штафетата на лидерите од еврозоната.
„Постигнат е напредок – колкав, останува да се види“, напиша Штуб.