Економија Најниска цена и задоцнето плаќање, најголеми проблеми на фирмите при јавните набавки

Најниска цена и задоцнето плаќање, најголеми проблеми на фирмите при јавните набавки

Двата најчести проблеми со кои се соочуваат фирмите при јавните набавки се најниската цена, како единствен критериум за доделување на договорите за јавни набавки, и задоцнетото плаќање.

Ова го покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации во извештајот од следењето на јавните набавки за периодот јули – декември 2015 година, кој ги содржи и резултатите од истражувањето на 254 фирми и анализата на жалбените постапки.

– Просечното чекање за наплата на спроведените договори изнесува осум месеци. 79 отсто од испитаните фирми сметаат дека има корупција во јавните набавки и тоа 37 отсто сметаат дека во јавните набавки често има корупција, 10 отсто велат секогаш, а 32 отсто ретко. Само 21 отсто од фирмите се изјасниле дека во јавните набавки никогаш нема корупција – се вели во извештајот.

Во него, исто така, се додава дека преку преговарање без објавување оглас во 2015 година се склучени договори во вредност од 29 милиони евра, а лани биле поништени 19,9 отсто од постапките за јавни набавки.

– За повеќе од 18.000 спроведени тендери во 2015 година, доставени се само 523 жалби што упатува на исклучително мал процент на обжалени постапки од само 2,8 отсто. 67 отсто од жалбите се доставени против одлуките за избор на најповолна понуда – се додава во извештајот.