Свет Балкан Најмасовниот собир по обидот за пуч најавен за денеска во Истанбул

Најмасовниот собир по обидот за пуч најавен за денеска во Истанбул

Стотици илјади луѓе се очекува да излезат во Истанбул, каде за денеска е најавен најмасовниот собир на граѓани по неуспешниот обид за државен удар во Турција, минатиот месец, јавуваат светските агенции. Собирот се очекува да биде последен по демонстрациите што изминативе три недели секојдневно се одржуваат во Турција.

Приврзаниците на Партијата на правдата и развојот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган излегуваат на улица секоја ноќ, по обидот за пуч.

Собирот, под паролата „Демократија и маченици“, ќе биде одржан под силни безбедносни мерки, а Ердоган ги повика и лидерите на опозициските партии, освен на прокурдската партија ХДП, да им се обратат на насобраните граѓаните.

Митингот ќе биде одржан на истанбулскиот плоштад Јеникапи, а според прогнозите на дел од турските медиуми, на него се очекува да се соберат дури 3,5 милиони луѓе.

Собирот ќе биде пренесуван во живо на огромни екрани ширум целата земја, а екран ќе биде поставен и во Пенсилванија, САД, каде во доброволен егзил живее имамот Фетулах Ѓулен, кого Ердоган го обвинува дека стои зад обидот за пуч.

„Еден огромен екран ќе биде поставен на уште едно место. Знаете каде? Во Пенсилванија. Пораката ќе биде испратена“, изјавил Ердоган.

Досега своето учество на собирот го потврдиле и двајца лидери на опозициските партии.