Подглавна секција Најмалку 492 убиени во израелски воздушни напади врз Либан, 35 од убиените...

Најмалку 492 убиени во израелски воздушни напади врз Либан, 35 од убиените се деца

Паника се шири во Либан откако израелската војска им соопшти на граѓаните на државата да напуштат згради во кои се складирани оружја на Хезболах - илјадници бегаат од своите домови, автопатиштата се преплавени со возила

Бејрут, Либан | Фото: marviikad, CC BY-SA 2.0, via Wikimedia Commons

Израел продолжува со својата кампања на воздушни напади врз Либан. Според најновите информации од министерството за здравство на Либан, најмалку 492 лица се убиени, од кои најмалку 35 се деца, пренесува Гардијан.

Ова е најголем број на убиени во Либан во еден ден од конфликтот помеѓу Израел и Либан во 2006 година.

Овие воздушни напади доаѓаат откако минатата недела беше извршен застрашувачки напад во Либан, во кој истовремено експлодираа илјадници електронски уреди кои воглавно припаѓале на членови на Хезболах. Најмалку 3.000 лица се здобија со тешки повреди (вклучувајќи ампутации на раце и прсти, како и отстранување на очи), и најмалку 37 лица загинаа, меѓу кои и деца.

Почнувајќи од пред два дена, на граѓаните на Либан им стигнуваат пораки од израелската војска, во кои им е кажано да напуштат кој било објект во кој се складираат оружја на Хезболах, вклучувајќи и цивилни згради.

Паника се шири во Либан како што десетици илјади луѓе ги напуштаат своите домови. Редици од автомобили долги десетици километри се формираат на автопатиштата во државата, пренесува Гардијан.

Болниците на Либан се преоптоварени со повредени лица и не можат сите да бидат опслужени. Дополнително, болница како и неколку амбулантни возила биле мети на воздушните напади.

„Некои од семејствата со кои разговаравме рекоа дека морале да избегаат додека паѓале бомби покрај нив. Имаше непрекинати воздушни напади речиси секаде каде што ќе погледнеш. Не знаевме кој пат е безбеден, дури видовме воздушни напади долж главниот автопат што го поврзува јужен Либан со Бејрут. Ова е осиромашено општество, земја во која економијата доживеа колапс. И тоа е исто така држава која е речиси банкротирана. Затоа постои голема загриженост кај овие луѓе за тоа колку долго ќе бидат раселени“, известува Зеина Кодор од Бејрут за Ал Џазира.

Претставник од Стејт дипартментот изјавил оти САД мисли дека израелската ескалација ќе го постигне посакуваниот исход од деескалација.