Македонија Началникот на Генералштабот се сретна со романскиот генерал Даниел Петреску

Началникот на Генералштабот се сретна со романскиот генерал Даниел Петреску

Фото: Генералштаб на Армијата

Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, кој ја предводи делегацијата на Армијата на Република Северна Македонија, со денешната посета на главните команди на Вооружените сили (ВС) на Република Романија, ги заврши предвидените активности од официјалната посета, информираат во Генералштабот. За време на посетата тој се сретнал со началникот на Генералштабот на ВС на Романија, генерал Даниел Петреску на која се разговарало за безбедносната ситуација.

„Освен тоа се зборувало и за идентификацијата на начините за унапредување на билатералната соработка и за мерките за зајакнување на сојузничкото одвраќање и одбранбената позиција на источното крило, вклучително и учеството на Армијата на Република Македонија во мисиите планирани од НАТО во Романија“, наведено е во соопштението од Генералштабот.

Генералот Петреску искажал благодарност за придонесот на Македонија кој ја прикажува сојузничката солидарност и обединетост во заедничката одбранбена политика на НАТО, но и зголемување на интероперабилноста која ќе се постигне преку заедничката обука и активности.

Началникот на генералштабот го обиколил и гарнизонот каде наскоро ќе бидат разместени и ќе извршуваат должности припадници на Армијата на Република Северна Македонија, во склоп на мултинационалните сили за зголемени активности за будност на НАТО.

За време на посетата генералот Ѓурчиновски ги обиколи и Воениот колеџ, главните штабови на копнените, воздухопловните и поморските сили, како и еден пешадиски баталјон, каде имаше средби со военото раководство на овие команди и единици.