Македонија Набавката на дронови за Армијата ќе започне следна година

Набавката на дронови за Армијата ќе започне следна година

„Процесот веќе е започнат и во текот на следната година ќе започнеме формално со набавка на дронови”, најави министерката Петровска

Извор на фотографија: Lt. Col. Leslie Pratt - commons file, Public Domain, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=68095681

Од следната година одбраната ќе набавува дронови за потребите на Армијата, најави министерката за одбрана Славјанка Петровска вчера во емисијата „КликПлус“.

„Процесот веќе е започнат и во текот на следната година ќе започнеме формално со набавка на дронови, затоа што анализата која јас ја најавив пред неколку месеци е направена. Генералштабот на Армијата со соодветните единици ја заврши оваа анализа која што покажа каде, во кои сегменти од одбраната и генерално за државата, дроновите можат да бидат искористени”, вели Петровска.

Беше истакнато и дека одбраната ќе располага со два проценти од бруто-домашниот производ, а од нив 33 проценти ќе бидат наменети за модернизација и опремување. Ова се случува после години неивестирање во Армијата.

„Минатата година информиравме дека склучивме договор со Франција, за набавка на противвоздушен систем за одбрана. Проектот за набавка на лесни оклопни возила JLTV е започнат и јавноста имаше можност да ги види во различни ситуации тие возила”, изјави министерката.

Таа додава и дека се очекува следната година да се вратат двата хеликоптери кои се испратени на поправка додека не се склучи договор за нови. Тимот кој работел на овој процес, побарал дополнително време за консултации во однос на понудите. Во текот на ноември треба да може да се презентираат конечните позиции, по што ќе биде донесена одлуката и за нивната набавка.