Македонија На Светскиот ден на здравјето, МЛД му додели специјална награда на Македонското...

На Светскиот ден на здравјето, МЛД му додели специјална награда на Македонското здружение на инфектолози

Извор: Фејсбук профил на Министерство за здравство

Македонското лекарско друштво (МЛД), на Светскиот ден на здравјето, 7 април, му додели специјална награда на Македонското Здружение на инфектолози, за секој поединец инфектолог, како први борбени столбови во пандемијата со ковид-19.

„МЛД им оддава голема почит и благодарност на сите лекари и здравствен персонал кои се вклучени во борбата со ковид-19 и нашата порака и молба до вас драги колешки и колеги е, продолжете да вложувате натчовечки напори во борбата против пандемијата, внимавајте на вашето здравје и на најблиските во вашата професионална работа, бидејќи вие сте чувари на здравјето на секој поединец во нашата држава“, стои во соопштението на МЛД.

Добитници на Повелбата Трифун Пановски, највисоката професионална награда што ја доделува МЛД се: проф.д-р Јасна Богданска, проф.д-р Елена Трајковска Докиќ, проф.д-р Сашко Јовев, прим.д-р Гордана Кузмановска и прим.д-р Елизабета Зафировска.

Од МЛД потсетуваат дека, за жал, прославувањето на Светскиот ден на здравјето лани и годинава е покриено со мрачниот вел на пандемијата, поради што, во 76-тата година од своето постоење, МЛД мораше да ги модифицира задачите и дејностите. Од лани се премина на он-лајн континуирана медицинска едукација, а покрај многуте стручни состаноци и вебинари, онлајн беше одржан и 20-от Конгрес, со повеќе од 800 учесници.