Македонија На средбата со Шарл Мишел, Пендаровски потенцирал дека македонскиот јазик и идентитет...

На средбата со Шарл Мишел, Пендаровски потенцирал дека македонскиот јазик и идентитет мора да бидат гарантирани

Фото: Шарл Мишел и Стево Пендаровски

Претседателот Стево Пендаровски на денешната средба со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, потенцирал дека македонскиот јазик и идентитет мора да бидат почитувани и гарантирани од страна на ЕУ.

Мишел престојува во еднодневна посета на земјава а на средбата со претседателот разговарале за предизвиците во однос на европските перспективи и за предлогот на ЕУ за почеток на пристапните преговори со Македонија, но и за атмосферата во нашето општество по тоа прашање.

„Претседателот Пендаровски ја поздрави посетата на Мишел, карактеризирајќи ја како показател за посветеноста на Европската Унија и информираше за текот на широкиот консултативен процес кој се води во однос на францускиот предлог, како и за атмосферата во нашето општество по тоа прашање. Двајцата претседатели се согласија дека прифаќањето на францускиот предлог ќе овозможи отворање на првата фаза од пристапните преговори, со што фактички ќе се одблокира ЕУ интеграцијата на нашата земја“, наведено е во соопштението од кабинетот на претседателот.

Како што додаваат оттаму, на средбата било заклучено дека отворањето на првата фаза ќе претставува натамошен поттик за напредокот и просперитетот на Северна Македонија, но ќе има позитивно влијание и врз севкупните состојби на Западен Балкан.