Македонија На скопската железничка станица вчера се запали локомотива од патнички воз, нема...

На скопската железничка станица вчера се запали локомотива од патнички воз, нема повредени

Фото: Архива на Мета.мк

Нов инцидент во железничкиот сообраќај во земјава, по само неколку недели од излетувањето од шини на товарен воз кај кумановското село Романовце. На скопската железничка станица вчера вечер се запалила електричната локомотива од патничкиот воз кој сообраќал на релација Гевгелија-Скопје. За среќа, пожарот настанал веднаш по пристигнувањето на возот на станицата, а патниците безбедно го напуштиле истиот. Нема повредени и загинати лица, но несреќата уште еднаш го поставува прашањето за безбедноста на железничкиот сообраќај и состојбата со возниот парк на Железници на РСМ-Транспорт.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) го потврдија случајот во денешниот билтен, наведувајќи дека на 15.05.2021 околу 19.45 часот во СВР Скопје било пријавено дека на Железничка станица Скопје настанал пожар во локомотива која го влечела патничкиот воз, кој сообраќал на релација Гевгелија-Скопје.

„Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема. Увид извршила екипа од СВР Скопје“, се наведува во полицискиот билтен.

Овој инцидент доаѓа само неколку недели, откако на 28 април годинава кај куманово Романовце товарен воз излета од шините, при што дел од товарните вагони на композицијата беа уништени. На 8 февруари годинава, патничкиот воз Скопје-Кочани излета од шините кај Овче Поле, при што оштетување претрпе вагонот. За среќа, во сите овие железнички несреќи немаше повредени лица.