Свет Европа На шефот на британската дипломатија му забраниле со велосипед да оди на...

На шефот на британската дипломатија му забраниле со велосипед да оди на работа

Скотланд јард му забрани на шефот на британската дипломатија, Борис Џонсон, да оди на работа со велосипед поради страв дека може да биде мета на терористи, па отсега тој мора да користи службено возило, пишуваат британските весници.

„На Џонсон му е забрането да вози велосипед од страв дека може да биде лесна мета за терористите“, пишува „Дејли мејл“.

Министерот за надворешни работи на Британија, кој неодамна се пресели од областа Излингтон во источниотдел на Лондон, во куќа во близина на Бакингемската палата, е познат приврзаник на велосипедизмот и на теориите дека велосипедите можат да го спасат Лондон од сообраќаен метеж.

Сепак, од полицијата му е соопштено дека ваквиот начин на движење е особено опасен, имајќи ја предвид функцијата што ја извршува, наведува весникот.

Додека бил градоначалник на Лондон, Џонсон редовно на работа одеше со велосипед, а често го користеше и за да замине на деловни состаноци.

На негова иницијатива во градот почнаа да се обележуваат посебни велосипедски патеки на сообраќајниците.

Весникот „Сан“, цитирајќи пријатели на министерот, пишува дека Џонсон не бил многу среќен од полициската препорака.

– Борис обожава да вози велосипед и кога беше градоначалник, секаде се движеше со велосипед. Оваа одлука многу го иритира – вели еден од пријателите на Џонсон.

Медиумите пренесуваат дека Џонсон, дури и по неговото именување за министер за надворешни работи, не се откажал од велосипедот, со кој често е гледан по лондонските улици.

Последен пат во такво издание е виден во понеделникот.