Македонија На клиниките за гинекологија и за трауматологија има лоши хигиенско-санитарни услови

На клиниките за гинекологија и за трауматологија има лоши хигиенско-санитарни услови

Министерството за здравство информира дека синоќа министерот Арбен Таравари испратил инспектори од Државниот санитарен и здравствен инспекторат и претставници од кабинетот на министерот за здравство, кои извршиле вонреден инспекциски надзор на Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство, Ургентен центар, клиниките за трауматологија и за ортопедија и на Институт за белодробни заболувања и туберкулоза.

„При надзорот на Клиниката за гинекологија е констатирано дека општата санитарно-хигиенска состојба не е на задоволително ниво, а медицинскиот отпад не се селектира прописно. Во Ургентниот центар, на Клиниката за ортопедија и во Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза, општата хигиенско-санитарна состојба е релативно добра, за разлика од Клиниката за трауматологија каде општата хигиенско-санитарна состојба не е на задоволително ниво“, информираат од Министерството.

Од Министерството соопштуваат дека целта на надзорот била да се провери дали се почитува работното време, да се провери работата на амбулантите за итни случи, дали се почитува Законот за заштита од пушење, а истовремено биле контактирани и пациенти по случаен избор да споделат мислење за етичкиот и за професионалниот однос на здравствените работници.