Македонија На државните универзитети слободни 25.000 места

На државните универзитети слободни 25.000 места

На петте државни универзитети во Македонија, за упис во прва година во академската 2015/2016 година слободни се 24.952 места. Пријавувањето кандидати во првиот рок почнува оваа недела.

На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“- Скопје се слободни 10.669 места, од кои 6.330 за редовни студенти во државна квота, 3.164 за редовни со кофинансирање на студиите и 1.175 за вонредни студенти. Цената на студиите во државна квота е 200 евра, а со кофинансирање и за вонредни студенти 400 евра.

На Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола слободни се вкупно 3.803 места, од кои 2.090 за редовни студенти во државната квота, 965 за редовни со кофинансирање на студиите и 748 за вонредни студенти.

На Државниот универзитет-Тетово за 2015/2016 слободни се 4.650 места. Од нив, 2.245 за редовни студенти во државната квота, 2.045 за редовни со кофинансирање и 360 за вонредни студенти.

Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип објави конкурс за 5.390 места, од кои 3.172 за редовни студенти во државна квота, 1.208 за редовни со кофинансирање на студиите и 1.010 за вонредни студенти.

Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“-Охрид има 440 места за студенти во наредната академска година. Од нив 220 места се за редовни студенти во државна квота, 110 за редовни со кофинансирање на студиите и 110 за вонредни студенти.