Објавен е конкурсот за уписи во средните училишта за учебната 2023/2024 година

Во новата учебна година се обезбедени 29.798 слободни места во 937 паралелки

Фото: Мета.мк

Министерството за образование и наука (МОН) денеска го објави Конкурсот за упис на ученици во јавните средни училишта за учебната 2023/2024 година.

Во новата учебна година се обезбедени 29.798 слободни места во 937 паралелки, од кои 279 паралелки се предвидени за гимназиско образование и 658 паралелки во средните стручни училишта. Во соработка со општините и компаниите се обезбедени и 6.475 слободни места во 259 паралелки во дуалното стручно образование.

Пријавувањето и запишувањето на учениците ќе се врши во еден уписен рок со две пријавувања во јуни – првото на 20 и 21 јуни и второ пријавување на 27 и 28 јуни, преку порталот за електронски услуги на МОН, каде учениците треба да се најават преку сопствените кориснички сметки на Schools.mk.

Во училиштата каде што ќе се пријават поголем број ученици од планираниот број кои ги исполнуваат условите, ќе се организира квалификациско тестирање по наставниот материјал од осмо и деветто одделение и тоа по наставните предмети мајчин јазик и математика (за гимназиско образование), биологија и хемија (за здравствена струка) и мајчин јазик и математика (за другите струки), информираа од МОН.

Министерот за образование Јетон Шаќири на учениците им порача да го направат вистинскиот избор на средно училиште, апелирајќи да се осврнат на стручното образование како можност да се стекнат со вештини и знаења кои пазарот на труд ги препознава и вреднува, но и да стекнат добра основа за понатамошна високообразовна надградба.

„Почитувани ученици, време е да направите избор за Вашето понатамошно образование. Ви посакувам успешно да го одберете средното училиште што најмногу го посакувате, бидете успешни ученици и продолжете смело да чекорите по патот на знаењето. Вие сте иднината на оваа земја“, им порача Шаќири на идните средношколци.