Македонија На „Деве Баир“ запленети речиси 2.000 парчиња брендирана облека

На „Деве Баир“ запленети речиси 2.000 парчиња брендирана облека

Согласно направената процена, велат од Царина, доколку овие производи се продаваат како оригинали, нивната вкупна вредност на пазарот би била речиси 20 милиони денари

Колаж од фотографии на Царинска управа на Република Северна Македонија

Речиси 2.000 парчиња брендирана облека, обувки и женски чанти со потписот на Луи Витон, Диор, Монклер, Гучи, Версаче, Барбери, Мајкл Корс и други светски познати модни брендови се запленети од страна на мобилен тим при Секторот за контрола и истраги, по извршена контрола на товарно моторно возило пријавено за транзит на граничниот премин „Деве Баир“.

Како што соопштија од Царинската управа, пратката доаѓала од Турција и требало да се транспортира до Босна и Херцеговина.

Контролата била спроведена по преглед на документацијата и по сомнение во изјавата на возачот, при што во камионот биле откриени 1.907 парчиња облека, обувки и чанти – сите со потпис на познати модни брендови.

Согласно направената процена, велат од Царината, доколку овие производи се продаваат како оригинали, нивната вкупна вредност на пазарот би била 19,9 милиони денари.

Против превозникот е поднесена пријава за повреда на право од интелектуална сопственост, а производите биле запленети.