Дописници На „Браќа Манаки“ ќе се промовира филмот „Последниот Македонец – патот до истребување“

На „Браќа Манаки“ ќе се промовира филмот „Последниот Македонец – патот до истребување“

По синоќешното свечено отворање на 36. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, денеска премиерно ќе биде прикажан новиот македонски документарно-игран филм „Последниот Македонец – патот до истребување“, во режија на охриѓанецот Илија Пиперковски.

Мотивите за снимањето на филмот произлегуваат од стогодишнината од потпишувањето на Букурешкиот договор во 1913 година. Мотивите за сценариото на овој филм, според сценаристот Александар Кукулев, потекнуваат од потребата македонската и меѓународната јавност да се запознае со македонската историографија на Букурешкиот договор, затоа што досега македонската јавност се потпирала на бугарската, српската и на грчката верзија на овој договор.

Ова за него е прв играно-документарен филм, кој изобилува со ликови и со настани преку кои се отсликува едно време на неединство и на предавства, создавајќи го патот до истребување.

За режисерот Илија Пиперкоски, сон на секој режисер е да снима епски филм, особено за тема што никој претходно не ја обработил како игран филм.

– Долг беше процесот за да се направи овој филм, за најтешкиот период од македонската историја, филм кој ќе ни покаже зошто и каде сме згрешиле, со порака да не се направат истите грешки – вели Пиперкоски.

Сценариото на филмот е на Александар Кукулев, продуцент е Снежана Лупевска-Созен, кинематографер е Дејан Димески, а монтажата е на Данчо Стевков.

Во филмот, кој е поддржан со средства на Агенцијата за филм на Република Макеоднија, играат Сашко Коцев, Ненад Нацев, Славиша Кајевски, Зоран Љутков, Рубенс Муратовски, Петар Горко, Валентина Грамосли, Билјана Драгичевиќ-Пројковска.