Економија МЗШВ прави анализа на штетите од царината на земјоделските производи за извоз...

МЗШВ прави анализа на штетите од царината на земјоделските производи за извоз на Косово

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во овој период активно работи на заедничкиот Меморандум за соработка помеѓу македонското и косовското Министерство за земјоделство, кој што треба да придонесе за олеснување на трговската размена помеѓу двете земји, информираат од МЗШВ.

„Одлуката од страна на Владата на Косово за воведување времена мерка за воспоставување на зголемена царина од 30 отсто за одредени увозни земјоделски производи (овошје и зеленчук) не e во согласност со заеднички зацртаните цели, како што се брз проток на стока и отстранување на царинските бариери, дефинирани преку Берлинскиот процес. Дополнително, Косово е претседавач со ЦЕФТА оваа година каде што како три први приоритети во неговата програма како претседавач се наведени олеснувањето на трговијата со стоки, хармонизација на ЦЕФТА пазарите со ЕУ и креирање на регион без нетарифни бариери и мерки кои ја нарушуваат трговијата“, се вели во соопштението на МЗШВ.

Од таму велат дека од македонска страна сите ресорни министерства и Царинската управа работат на анализи на ефектите од мерката и многу брзо ќе излезат со реакција во однос на воведената мерка, за што ќе бидат известени и членките на ЦЕФТА.

„Наша обврска како ресорно министерство е да го заштитиме домашното производство и извозно оринетираните земјоделски производи. Очекуваме Владата на Косово да ги земе предвид придобивките од започнатиот Берлински процес и низ една заедничка дискусија преку разгледување на сите анализи и факти, да дојдеме до заедничко решение, кое што ќе подразбира олеснување на трговската размена во регионот“, се додава во соопштението.

Косово воведе времена мерка на зголемување на царината на земјоделските производи од 30 проценти кои се увезуваат на тој пазар. Вкупниот извоз на зеленчук и овошје од Македонија во Косово во периодот од јануари до јуни изнесува над 2,5 милијарди денари.