Македонија МВР разби криминална група која тргувала со дрога и шверцувала мигранти

МВР разби криминална група која тргувала со дрога и шверцувала мигранти

Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал на Министерството за внатрешни работи (МВР), по повеќемесечна истрага уапсил 11 лица од Тетово и од Дебар, осомничени дека се припадници на организирана криминална група инволвирана во недозволена трговија со марихуан, хероин и со кокаин и во нелегален транспорт на мигранти.

Како што соопшти МВР, петмина од осомничените биле уапсени вчера, а петмина во текот на мај и на јуни оваа година, во три одвоени случаи. Еден од осомничените е во бегство, односно е недостапен за органите на прогонот.

„Вчера, заради дополнително обезбедување материјални докази, извршени се претреси на дом и на други простории во Дебар и на повеќе локации во Тетово, при што со повеќемесечната истрага запленети се вкупно околу 1,8 килограми марихуана, речиси половина килограм хероин и 2,83 грама кокаин. Лицата како припадници на организирана криминална група дејствувале на национално и на меѓународно ниво“, стои во соопштението на МВР за случајот.

Според полицијата, еден од осомничените се товари дека на почетокот од оваа година, во близина на граничниот премин Богордица, со комби, марка „форд транзит“ со германски регистарски ознаки, презел илегални мигранти со намера да ги пренесе низ територијата на Македонија за соодветен паричен надомест.

„Од Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, против инволвираните лица поднесена e кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, соопштуваат од МВР.